Friday, November 13, 2009

Пелистерци сакаат презимување во Европа

Евентуалниот пласман во осмина-финалето на Купот челинџ за ракометарите на Пелистер ќе значи и нова шанса да се најдат спонзори што ќе му помогнат на клубот да се врати на старите шампионски патеки. По едногодишно неиграње поради беспарица и тригодишна пауза без меѓународен натпревар во Битола, сега Пелистер се враќа на европската сцена, со првиот меч против романската екипа Ородеу Секуец.

Бидејќи битолчани поради беспарицата отпатуваа со автобус за Романија, побарале од домаќините да пристигнат ден порано со цел да одработат повеќе тренинзи во салата во која ќе го играат натпреварот, но биле одбиени.

- Со оглед на ситуацијата и долгиот пат, се надевам дека ќе реализираме барем два тренинга - вели тренерот на Пелистер, Стефче Стефановски и додава дека романската екипа имале можност да ја гледаат на видеокасета.

- Одиме да го дадеме максимумот, зашто оваа средба ни е многу значајна. Се надевам дека ќе успееме да презимиме во ракометна Европа - вели Стефановски.

Битолчани досега го имаат постигнато најголемиот клупски успех од машките македонски ракометни екипи во европските купови, со играњето во финалето во Купот челинџ во 2002 година против дански Скејерн.